Локалните избори 2025 година се пред врата, а гласачкото право ќе го остварат вкупно 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 во земјата и 112.000 во посебниот избирачки список за лица во странство. Покрај нив, гласање ќе имаат и 2.162 затвореници или лица во притвор, како и 450 гласачи во старските домови. Дијаспората нема организирано гласање, но оние кои допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право.
Во Градот Скопје се запишани 474.304 гласачи. Општината со најмногу гласачи е Куманово – 94.041, следуваат Гостивар со 82.893, Тетово 87.878, Битола 77.253, скопски Аеродром 68.772, Струга 62.711 и Прилеп со 62.053 гласачи. Најмал број гласачи има во Лозово – 1.905, потоа во Вевчани 2.092, Новаци 2.429, Конче 2.716 и Ранковце 2.921.
Гласањето ќе се одвива на 3.474 избирачки места, откако од изворните 3.480 места шест се без население. Некои места имаат многу мал број гласачи: 125 избирачки места имаат под 10 гласачи, осум места по 10 гласачи, шест места по 11, 18 места по 12 и три места по 13 гласачи. Најголемо избирачко место е во Бутел, со 1.432 гласачи. На 70 избирачки места ќе има над илјада гласачи, а тие се распоредени за да се овозможи функционално гласање.
Најстариот гласач во земјава е роден на 15 мај 1918 година, а најмладиот ќе стане полнолетен на самиот ден на гласање, 19 октомври. Вкупно 25.603 лица со 18 години се запишани во избирачкиот список.
На овие избори се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и во Градот Скопје, со вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети, што дава вкупно 10.490 кандидати. На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидати. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.