Во неверојатен пресврт на настаните, жена од Калифорнија успеа да добие судски спор против својот сопственик на стан – со помош на ChatGPT и други алатки за вештачка интелигенција.
Лин Вајт првично го изгубила случајот поради задоцнето плаќање на киријата и се соочила со налог за иселување и високи парични казни. Наместо да ангажира адвокат, таа одлучила самата да се застапува на суд, користејќи ChatGPT и платформата Perplexity како „виртуелни правни советници“.
Со нивна помош, Вајт успеала да ги пронајде процедурните грешки во претходната судска постапка, да подготви жалба и да состави правно валидни документи – што на крајот довело до поништување на налогот за иселување.
„Без вештачката интелигенција немаше да успеам. Таа ми помогна да ги разберам правните процедури подобро од кога било“, изјавила Вајт за NBC News.
Овој случај предизвика огромен интерес во јавноста, бидејќи покажува дека технологијата веќе може да игра клучна улога дури и во судските процеси.
Сепак, правните експерти предупредуваат дека користењето на AI во вакви ситуации е ризично, бидејќи алатките како ChatGPT можат да дадат неточни или измислени информации. Некои дури посочуваат случаи каде што луѓе биле казнети затоа што користеле лажни податоци генерирани од AI.
И покрај тоа, трендот на самозастапување со помош на технологија е во пораст. Сè повеќе луѓе без адвокатски пристап се потпираат на вештачка интелигенција за да се борат за своите права – и како што покажува примерот на Лин Вајт, понекогаш и успешно.