Студентките во државниот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје се исклучително вознемирени по откривањето дека станар во блокот А на 12 кат повеќе пати снимал фотографии на девојки додека се тушираат, користејќи скриен мобилен телефон поставен над параванот.
Завчера, околу 17 часот, манијакот бил затекнат на дело, по што веднаш реагирале полицијата и управата на домот. При претресот на неговите уреди, пронајдени се фотографии од повеќе студентки. Во групата на Вибер на студентскиот дом, наменета за станарите, станарите се повикуваат да пријават било какви сомнителни активности или случаи во кои почувствувале дека се снимани додека се капеле.
Министерството за внатрешни работи ја потврди информацијата: „На 16 октомври 2025 година, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом во Карпош, пријавила дека додека се туширала забележала телефон поставен над параваните. Лицето А.М. (22) од Богданци признал дека ги направил фотографиите. Приведен е во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.“
Студентките се предупредени да бидат внимателни и да пријават секакви слични инциденти додека трае истрагата.