Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека Министерството спроведува засилени проверки во високото образование, а институциите кај кои ќе бидат утврдени сериозни неправилности би можеле да останат без акредитации и да бидат затворени.
За време на посетата на Охрид, одговарајќи на новинарски прашања, Јаневска информираше дека во моментов се врши мониторинг на најмалку пет универзитети, додека паралелно се водат постапки за затворање на уште пет или шест научни институти.
Според министерката, досега веќе се затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа поради утврдени неправилности во нивното работење.
Јаневска посочи дека првичните евалуации, кои ги спроведуваат странски експерти преку Агенцијата за квалитет во високото образование, покажале различни резултати. Дел од високообразовните установи, како што рече, работат според пропишаните стандарди, но кај други се забележани сериозни недостатоци.
Министерката објасни дека институциите кај кои ќе бидат констатирани проблеми најпрво ќе добијат законски рок за нивно отстранување. Доколку не постапат во предвидениот период, ќе следува одземање на акредитациите и затворање.
„Ќе им бидат дадени рокови согласно законот да ги отстранат неправилностите. Ако тоа не го направат, ќе им бидат одземени акредитациите и ќе следува затворање“, порача Јаневска.
Таа оцени дека состојбата во високото образование сега е различна во споредба со претходниот период, бидејќи Агенцијата за квалитет во високото образование активно функционира и спроведува реални евалуации.
Според неа, во минатото често се доделувале акредитации без доволно детални проверки, додека сега процесот се спроведува со поголема контрола и вклучување на меѓународни експерти.
Министерката не откри кои универзитети се опфатени со мониторингот, ниту кои научни институти се наоѓаат во постапка за затворање.









