Премиерот Христијан Мицкоски најави дека е отпочнат јавен оглас за вработување на 400 пожарникари низ општините во државата. Тој ги повика сите заинтересирани и мотивирани граѓани да се пријават и да станат дел од системот за заштита и спасување, особено пред летната сезона кога ризикот од пожари е најголем.
Мицкоски нагласи дека државата е значително подобро подготвена оваа година за справување со пожари, поради засилувањето на противпожарните капацитети. Во претходниот период, старите полициски и армиски возила беа технички прилагодени со нови резервоари и пумпи, при што преработката ја спроведоа инженери и општествено одговорни компании без финансиски товар за буџетот. На овој начин се заштедени десетици милиони евра, според премиерот.
Исто така, како дел од подготовките, државата располага со единица противпожарни хеликоптери и три Ер Трактори, од кои два се веќе вратени од сервис и подготвени за работа.
„Годинава сме подготвени да дејствуваме проактивно, наместо реактивно како досега“, изјави Мицкоски, нагласувајќи ја важноста од зајакнување на капацитетите во пресрет на летната сезона.