Дехидратацијата го зголемува ризикот од камења
Ако некогаш сте искусиле болка од поминување бубрежно каменче, или барем сте слушнале за тоа мака, јасно ви е зошто многумина велат дека тоа е една од најнепријатните болки што телото може да ја предизвика. А ако сте среќник што тоа го нема доживеано, верувајте, подобро е да се спречи отколку да се лечи. Еден од десет луѓе во животот ќе добие бубрежно каменче. Тоа се случува кога минералите од урината почнуваат да се собираат и кристализираат во бубрезите. Со текот на времето, тие кристали се спојуваат и може да станат многу болни при излачувањето.
За среќа, одлуките што ги носиме секојдневно можат да не задржат надвор од тие 10% луѓе кои имале блиска средба со оваа непријатна појава.
„Најважниот чекор во превенцијата на бубрежни камења е да се пие доволно течност. Бубрезите преку урина ги излачуваат отпадните материи од телото – вишок витамини, минерали, киселини и други соединенија. Ако не внесуваме доволно течност, урината станува концентрирана, што го поттикнува создавањето кристали,“ објаснува урологот Фабрис Хенри.
На повеќето луѓе им се потребни 10 до 12 чаши течност дневно, а потребата се зголемува ако повеќе се потите – на пример, за време на вежбање или во потопла клима. Глобалното затоплување, покажуваат истражувањата, дополнително го зголемува ризикот од дехидратација, а со тоа и честотата на заболувања на бубрезите.
Како да знаете дали сте доволно хидрирани? Погледнете ја бојата на урината – идеално би требало да биде светло жолта. Потемната боја може да значи дехидратација и зголемен ризик од камења.