Познатиот израелски актер Алон Абутбул, кој се прослави со улоги во светски хитови како „The Dark Knight Rises“ и „Рамбо III“, е пронајден мртов на плажата Хабоним во Израел. Имаше 60 години.
Случајот ја шокираше јавноста во Израел и Холивуд. Според првичните информации, актерот пливал во близина на Тел Авив во вторник наутро. Излегол од морето, но само неколку моменти подоцна се срушил. И покрај повеќечасовните обиди на медицинскиот тим да го реанимира, лекарите можеле само да ја констатираат смртта.
Алон Абутбул е најпознат по улогата на д-р Павел во филмот „The Dark Knight Rises“ – последниот дел од Бетмен трилогијата на Кристофер Нолан. Но неговата актерска кариера не застанува тука – има богато портфолио и во израелската и во американската филмска индустрија.
Покрај улогата во „Рамбо III“, се појавуваше и во популарната серија „Snowfall“ со Дамсон Идрис, како и во „FBI: International“, „Hawaii Five-0“, „NCIS: Los Angeles“ и други. Неодамна ја играше улогата на Амос Шапира во серијата „The German“ и го позајми својот глас во анимираната продукција „Pantheon“.
Смртта на Абутбул претставува тежок удар за филмската сцена, бидејќи тој важеше за еден од највлијателните и најпосветени актери од Израел со глобален успех. Причината за ненадејната смрт засега не е официјално потврдена.