Во попладневните часови на автопатот Тетово–Скопје се случи страшна сообраќајна несреќа во која животот го загубија три лица, а едно дете е повредено. Трагедијата се случила по судир помеѓу патничко возило и автобус, при што автомобилот, во кој се наоѓале загинатите и повреденото дете, излетал од коловозот.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово веднаш извршил увид на местото на несреќата и наложил истражни дејствија за да се утврдат причините за трагичниот настан. Издадена е наредба за обдукција на загинатите, а возачот на автобусот ќе биде тестиран за евентуално присуство на алкохол или психоактивни супстанции.
Двете возила се одземени за технички преглед, со цел да се утврди нивната техничка исправност во моментот на несреќата. На терен е повикан и стручен вештак за сообраќај, кој ќе изготви детално вештачење врз основа на собраните докази, фотодокументација и траги од местото на судирот.
Надлежните институции продолжуваат со целосна истрага за да се расветлат сите околности поврзани со несреќата.