Случајот со наводната „кубанска вакцина“, за која според претходно објавени информации велешанец наплаќал илјадници евра од онколошки пациенти, повторно го привлече вниманието на јавноста.
На социјалните мрежи се појави видеосведоштво на девојка чиј татко боледувал од рак и, според нејзините наводи, примил препарат претставен како „кубанска вакцина“, а подоцна починал.
Девојката самостојно го објавила видеото на својот профил на социјалните мрежи и даде согласност ПРВ.мк да го пренесе нејзиното јавно сведоштво.
Во продолжение го пренесуваме видеото како лично сведоштво на член на семејство на починат пациент, без да прејудицираме каква било вина или одговорност.
Потсетуваме, „Слободен печат“ претходно објави сведоштва на повеќе семејства кои тврдат дека на 47-годишен велешанец со иницијали М.А. му плаќале значителни суми за препарат претставуван како „кубанска вакцина“.
Според информациите што ги објави медиумот, МВР потврдило дека во јули бил извршен претрес во домот на лицето, додека Основното јавно обвинителство Велес потврдило дека се води предистражна постапка.
Лицето на кое се однесуваат наводите претходно за „Слободен печат“ изјавило дека станува збор за препаратот „Цимивах“, кој, според неговите тврдења, го набавувал преку Србија. Тој навел и дека пациентите самите го контактирале.
Надлежните институции засега немаат утврдено одговорност во овој случај, ниту е потврдена причинско-последична поврзаност меѓу примањето на препаратот и смртта на пациентите.
ПРВ.мк го пренесува сведоштвото поради јавниот интерес за случајот, а конечните факти и евентуалната одговорност останува да ги утврдат надлежните институции.






