Кавадарчанецот А. М. (36) доби ефективна затворска казна од шест месеци откако возел под дејство на алкохол со исклучително висока концентрација во крвта и предизвикал сообраќајна незгода. Апелациониот суд во Скопје ја преиначил првичната парична казна од 2.000 евра во затворска казна, постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство Кавадарци.
Според информациите од обвинителството, ова е прв случај на ефективна затворска казна за вакво кривично дело на подрачјето на Кавадарци, Неготино и Велес.
„Апелациониот суд во Скопје, по поднесена жалба од ОЈО Кавадарци за кривичното дело Безобѕирно управување со моторно возило по чл. 297-а од КЗ, каде возилото е управувано со 3,21 промил алкохол, ја замени паричната казна од 2.000 евра со казна затвор од 6 месеци, а ја потврди мерката за безбедност, забрана за управување возило од Б-категорија од две години. Времето поминато во затвор не се смета во времето за забрана за управување со возило“, информираа од ОЈО Кавадарци.
Со 3,21 промил алкохол удрил во паркиран автомобил
Сообраќајната незгода се случила на 17 декември минатата година, на крстосницата меѓу улиците „Народен фронт“ и „Коле Подлешки“ во Кавадарци.
Според информациите од СВР Велес, А. М. управувал патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки, при што удрил во паркиран автомобил „сузуки“ со кавадаречки регистарски таблички.
По преземените мерки од страна на полицијата, било утврдено дека возачот управувал со возилото со 3,21 промил алкохол во крвта. Случајот бил процесиран како кривично дело безобѕирно управување со моторно возило, согласно член 297-а од Кривичниот законик.
По жалбата на обвинителството, Апелациониот суд ја заменил паричната казна со шест месеци затвор. Истовремено, останала во сила и забраната за управување возило од Б-категорија во траење од две години. Периодот што осудениот ќе го помине во затвор нема да се пресметува во времетраењето на забраната, што значи дека таа ќе продолжи да важи и по издржувањето на казната.
Двајца српски државјани фатени со двојно поголема брзина од дозволената
Покрај овој случај, Основниот суд во Неготино на 19 октомври донел и две нови пресуди со казнени налози против странски државјани кои возеле со брзини значително над дозволените на автопатската делница Демир Капија – Гевгелија.
На В. Ж. (57) и Н. З. (36), двајцата државјани на Србија, им била изречена алтернативна мерка – условна осуда со утврдена затворска казна од по три месеци. Казните нема да бидат извршени доколку осудените во рок од една година од правосилноста на пресудите не сторат ново кривично дело.
Дополнително, секој од нив треба да плати парична казна од по 1.000 евра, а им е изречена и забрана за управување со моторно возило од Б-категорија на територијата на Македонија во траење од по една година.
Од Основниот суд во Неготино информираа дека двата случаја биле регистрирани преку системот „Безбеден град“.
Според утврдените податоци, Н. З. (36) управувала автомобил „мерцедес“ со српски регистарски таблички со брзина од 169 километри на час на делница каде што дозволената брзина е 80 километри на час.
В. Ж. (57), пак, со автомобил „ауди“ возел со брзина од 175 километри на час на делница каде што ограничувањето е 100 километри на час.
Двајцата српски државјани биле уапсени вечерта на 18 октомври на граничниот премин Табановце.
Случаите се процесирани како безобѕирно управување со моторно возило според член 297-а, став 1 од Кривичниот законик, а изречените мерки вклучуваат условни затворски казни, парични санкции и забрана за управување возило на територијата на Македонија.






