Премиерот Христијан Мицкоски во својата новогодишна честитка порача дека годината што доаѓа ќе донесе суштински промени и видливи резултати, откако 2025 била посветена на стабилизација и поставување темели.
Тој оцени дека изминатата година била тешка и исполнета со сериозни предизвици, период во кој државата морала најпрво да застане цврсто на нозе по долгата нестабилност, несигурност и разнишани институции. Според него, стабилизацијата и консолидацијата биле неопходен предуслов без кој не можело да се продолжи понатаму.
Мицкоски истакна дека во текот на годината многу работи се поместиле од мртва точка, преку тивка, системска и одговорна работа. Биле поставувани темели, расчистувани наследени состојби и носени одлуки кои, иако не секогаш лесни, биле исправни. Посебен фокус, како што нагласи, бил ставен на јакнење на институциите и враќање на принципите на ред, закон и одговорност.
Премиерот нагласи дека правната држава била еден од клучните приоритети, со започнување процеси што значат еднаквост пред законот и јасни правила што важат за сите. Според него, реформите што се отпочнати не се козметички, туку длабински и суштински, и иако бараат време, тие се неопходни за функционална држава и здраво општество.
Свесен дека за граѓаните најважно е како политиките се чувствуваат во секојдневниот живот, Мицкоски порача дека 2025 година треба да се гледа како година на подготовка, а 2026 како година на видлива реализација. Проектите, програмите и политиките што биле внимателно планирани и подготвувани, во наредната година треба да донесат конкретни и мерливи резултати.
„Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и година на преобразба“, истакна премиерот, најавувајќи раст преку значајни инфраструктурни проекти, економско зајакнување со нови инвестиции, поддршка за стопанството и отворање нови можности за работа и развој.
Тој додаде дека 2026 треба да биде и година на политичка стабилност, во која институциите ќе функционираат појасно, поефикасно и поодговорно, со јасна визија за држава во која законот е темел, институциите се сервис на граѓаните, а економијата се движи напред.
Мицкоски нагласи дека Владата не ветува чуда, туку напорна работа, не зборови, туку конкретни резултати. Тој призна дека политичката сцена не секогаш ја отсликува зрелоста што ја заслужува државата, но изрази верување дека со тек на време ќе созрее свеста дека националните интереси и иднината на граѓаните мора да бидат над сè.
На крајот, премиерот порача дека пред земјата е нова година полна со надеж, но и со голема обврска – да се испорачаат резултати, да се оправда довербата на граѓаните и да се продолжи по патот на реформи, развој и стабилност, со желби за здравје, мир и сила за сите граѓани.














