ПРВ.мк
Македонија

Лоши вести за пензионерите пред Нова година

Лоши вести за пензионерите пред Нова година
Kristal

Македонските пензионери и годинава ќе останат без предновогодишна исплата на пензиите, што за многумина значи влез во Новата година без редовните примања на кои се потпираат.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) соопшти дека средствата за пензиите за месец декември 2025 година се целосно обезбедени, но исплатата нема да се реализира пред 1 јануари.

Од Фондот нагласуваат дека, како институција задолжена за исплата на пензиите и заштита на правата од пензиското и инвалидското осигурување, сите подготовки за исплатата се навремено завршени и дека нема проблем со обезбедувањето на средствата.

За исплата на декемвриските пензии се обезбедени вкупно 9.289.521.686 денари, наменети за 340.156 корисници на пензија низ државата. Сепак, поради тоа што 1 јануари е државен празник и неработен ден, средствата ќе бидат префрлени до деловните банки дури на 2 јануари 2026 година.

Фондот на ПИОМ информира дека известувањата со сите прецизни податоци – бројот на пензионери и точните износи – веќе се доставени до деловните банки, со што, според нив, се гарантира дека исплатата ќе се одвива без дополнителни застои, но сепак по новогодишните празници.

И покрај уверувањата дека нема финансиски проблем, за голем дел од пензионерите ова останува разочарувачка пракса што се повторува од година во година, особено во период кога трошоците за празниците се најголеми.

FixCredit
Escape