Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја посети Полициската станица од општа надлежност Бит Пазар, каде што беа врачени решенија за распоредување на 120 нови полициски службеници кои успешно го завршија приправничкиот стаж и ќе ја извршуваат својата должност во рамките на Секторот за внатрешни работи Скопје.
Новите полициски службеници ќе бидат ангажирани во различни организациски единици на најголемиот сектор во државата, со цел зајакнување на кадровските капацитети и унапредување на безбедноста на граѓаните.
Министерот Тошковски им честиташе на новопримените полицајци за изборот на полициската професија, истакнувајќи дека станува збор за одговорна и благородна мисија во служба на граѓаните и државата. Притоа нагласи дека полициската професија претставува повик и обврска за заштита на јавниот ред, мирот и безбедноста, како основа за стабилно и функционално општество.
Во обраќањето, министерот потенцираше дека Министерството за внатрешни работи останува посветено на обезбедување соодветни услови за работа, континуирана едукација и професионален развој на полициските службеници, со цел ефикасно и професионално извршување на нивните задачи.
Безбедноста на граѓаните, како што беше истакнато, останува врвен приоритет во работењето на Министерството за внатрешни работи.
















