ПРВ.мк
Македонија

Скандал во „Демир Хисар“ – здрави криминалци се лекувале како психијатриски пациенти

Скандал во „Демир Хисар“ – здрави криминалци се лекувале како психијатриски пациенти

Околу 20 осудени лица, кои според наодите биле психички здрави и целосно пресметливи, наместо да издржуваат затворска казна биле сместени на лекување во Психијатриската болница „Демир Хисар“.

Ова денеска го соопшти заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска, која истакна дека постојат сериозни сомнежи оти ваквиот исход бил овозможен преку спорни психијатриски вештачења и лажни наоди за нарушена психичка состојба.

Неправилностите биле откриени при контрола спроведена од Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител во декември минатата година. Според нивните сознанија, лицата не покажувале знаци на психичко заболување, туку станувало збор за лица со криминален профил.

Трифуновска предупреди дека поради ваквата состојба, медицинскиот персонал бил принуден да се справува со осуденици кои, како што наведе, заплашувале, малтретирале и злоупотребувале пациенти, но и вработени во установата.

Дополнителен проблем претставува фактот што болницата нема затворска полиција, ниту сопствено обезбедување, поради што персоналот бил изложен на сериозни безбедносни ризици. Во изминатиот период биле регистрирани и повеќе бегства, како и случај на самоубиство.

Случајот отвора сериозни прашања за начинот на кој биле издавани психијатриските вештачења и дали постоеле злоупотреби што им овозможиле на осудени лица да избегнат издржување затворска казна.