Поминаа точно осумнаесет години откако светлината на македонската и балканската музика – Тоше Проески – засекогаш згасна. Но неговиот лик, глас и хуманост и денес одекнуваат во срцата на луѓето, низ нотите, спомените и тишината што зборува повеќе од илјада зборови.
Денешниот ден е тежок и полн со емоции – 16 октомври, датумот кој никогаш нема да биде обичен ден за Македонија и целиот Балкан. На овој ден, во 2007 година, Тоше трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб, оставајќи зад себе празнина која ниту времето не успеа да ја пополни.
Во негова чест, по 18-ти пат се одржува маратон од Нова Градишка до Крушево, симболично и емотивно патување што ги поврзува двете места – она каде згасна неговиот живот и она каде што неговото срце вечно почива. Маратонците тргнуваат од местото на трагедијата, а целта е неговото последно почивалиште – Гумење, во неговото сакано Крушево.
Организаторите на маратонот истакнуваат дека овој настан е многу повеќе од спортско движење – тоа е акт на љубов, почит и благодарност кон човекот кој зад себе остави не само музика, туку и пример за хуманост, скромност и добрина.
Крушево, градот на неговото детство и вечен дом, веќе започна подготовки за уште едно значајно одбележување – роденденот на Тоше, кој ќе биде на 25 јануари 2026 година, кога ќе се навршат 39 години од неговото раѓање.
Тоше Проески, или Тодор како што е неговото полно име, е роден на 25 јануари 1981 година. Својот музички талент го покажа уште како дете, настапувајќи на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година, пеејќи песна на влашки јазик – знак дека музиката не познава граници.
Кариерата му започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година, по што следеа бројни фестивали, настапи, хитови и настапи ширум регионот. Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул, а истата година беше прогласен за амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ – уште едно признание за неговата посветеност на добрината и грижата за другите.
Во текот на кариерата, Тоше издаде седум албуми, од кои голем дел беа објавени и на српски и хрватски јазик, со што допре до милиони фанови ширум Балканот. Последниот албум, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред неговата трагична смрт.
На 5 октомври 2007 година, тој го одржа и својот последен концерт – хуманитарен настап на Градскиот стадион во Скопје, посветен на подобрување на образованието во Македонија. Тој концерт остана како жив доказ дека Тоше не беше само пејач – туку симбол на добрината, надежта и сплотеноста.
Иако физички го нема веќе 18 години, неговиот дух не згаснува. Музиката и спомените продолжуваат да живеат, а секоја негова песна останува вечна порака на љубов, болка и надеж.
Тоше, никогаш нема да те заборавиме.