Во еден од најтажните денови за македонската музика и народ, група млади од Струмица со срце, глас и солзи ја отпеаја песната „Громови на душа“ – овојпат во чест на Тоше, Панчо, и сите што ги загубивме во трагедијата во Кочани.
Во просторија облеана со постери од Тоше Проески и Ѓорѓи Ѓорѓиев – тапанарот од ДНК кој почина во пожарот во дискотеката „Пулс“, Ана Касапова, Јован Филев, Симона Петрова и Мартина Митева ја свиреа и пееја најемотивната посвета до сега. Нивната изведба е доказ дека музиката може да биде и молитва, и солза, и тишина – сè во едно.
„ДНК ја пееја за Тоше, а сега ние за сите вас“, напиша Ана во описот на видеото, кое брзо се прошири на социјалните мрежи.
Во емотивната објава, Ана потсетува на датумот 16 октомври 2007, денот кога целата Македонија заплака по загубата на Тоше. Но годинава, болката е уште подлабока – се одбележуваат и седум месеци од трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 63 млади луѓе, меѓу нив и Ѓорѓи, дел од ДНК.
„Од небо нек се спуштат и громови на душа, само да ти слушнам глас...“, пеат младите, а стиховите добиваат ново значење.
Песната, некогаш изведувана од ДНК во чест на Тоше, сега станува химна за сите наши ангели кои преминаа на „друга сцена“.
„Никогаш заборавени“
„Се надеваме дека некаде таму горе, тројцата се заедно. Песната нека ве води, а нашите срца секогаш ќе ве паметат“, велат младите од Струмица.
Со оваа гест на љубов и почит, новата генерација покажува дека спомените не умираат, а музиката продолжува да живее и кога тагата зборува најгласно.