Во земјава се укинати клучни тестирања во здравствените програми за мајки и деца, меѓу кои скринингот за прееклампсија (висок притисок во бременост) и тестовите за слух кај новороденчиња, а намалени се и средствата за медикаментозен абортус. Ова беше заклучено на форумот „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“, на кој учествуваа граѓански организации и институции од здравствениот сектор.
Извештаите покажуваат дека услугите за најранливите групи се недоволно искористени: само 27 жени добиле бесплатна контрацепција, а само еден бесплатен преглед за жртва на сексуално насилство во 2024 година.
Во Програмата за партиципација, 92% од Ромките не знаат дека имаат право на бесплатни прегледи, а 80% платиле за услуги што им следуваат бесплатно. Министерството за здравство покрило само 2.850 пораѓања од 16.061 живородени деца, оставајќи 82% непокриени.
За превенцијата од ХИВ, буџетот е намален за околу 70% во споредба со 2021, што резултира со 50% помал опфат. Граѓанските организации откриваат еден ХИВ случај на 150 тестови, додека здравствените установи еден случај на 1.150 тестови, што покажува дека за рано откривање критични се заедниците и граѓанските организации.
Во скринингот за рак на грлото на матката, само 10% од жените од целната возрасна група биле опфатени во 2023, далеку под препорачаните 25% годишно. Недостигот од матични гинеколози е особено критичен во руралните средини.
Државниот завод за ревизија истакнува дека скринингот за рак на дојка и грло на матката е залуден ако резултатите доцнат или ги нема воопшто.
Главните заклучоци од дискусијата се:
- Вклучување на граѓаните и граѓанските организации во превентивните програми.
- Препознавање на граѓанските организации како даватели на здравствени услуги.
- Зголемување на буџетите за превенција.
- Зајакнување на свеста на граѓаните за правото на превентивна здравствена заштита.
Настанот е дел од проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Сивика мобилитас, во организација на ЕСЕ, ХЕРА, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Заедно посилни.