Српски криминални групи, преку добро организирана мрежа на посредници, наводно регрутираат млади Македонци кои за огромни суми — од 20.000 до 50.000 евра — добиваат нарачки за убиства, дознава „Фокус“.
Според информациите, во последните неколку месеци неколку момчиња од Македонија, на возраст од само 18 до 22 години, биле вовлечени во опасни криминални структури кои оперираат во Србија. Наводно, тие биле користени како извршители на т.н. „валкани задачи“ – физичка ликвидација, заплашување и логистика за организирани криминални групи.
Немилиот настан со убиството на млад скопјанец во Белград, кое го потресе регионот, ги натера безбедносните служби да ги активираат старите информации кои кружеле со месеци. Истите упатувале дека постои канал преку кој млади луѓе од Македонија се регрутираат од лица блиски до српските банди.
Извор за „Фокус“ тврди дека зад ваквите активности стојат двајца посредници — еден од нив, како што се наведува, е позната јавна личност која ужива доверба меѓу младите и преку тоа ги заведува да влезат во опасниот свет на криминалот.
„Овие момчиња обично се со криминални досиеја, склони кон дрога и коцкање. Тие се лесна мета. Им се нудат пари, луксуз и брз успех, а потоа се користат како орудија во рацете на мафијата“, вели изворот.
Разузнавачките служби во Македонија и Србија веќе разменуваат информации за мрежата, а истрагата, според неофицијални извори, може да открие имиња кои досега никој не би ги поврзал со подземјето.
Случајот фрла ново светло врз тоа како организираниот криминал сè повеќе ја таргетира младата популација, претворајќи ја во средство за најбруталните дела – со едно ветување: „брзи пари и живот без граници“.