ПРВ.мк
Македонија

Прилепската болница доби опрема вредна 50 милиони денари- еве ги деталите!

Прилепската болница доби опрема вредна 50 милиони денари- еве ги деталите!

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик-министерот Јовица Андовски, ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоцијата на нова медицинска опрема чија вредност надминува 50 милиони денари.

Алиу истакна дека со новата опрема значително се зголемуваат капацитетите и квалитетот на услугите во установата. Најголемиот дел од инвестицијата е насочен кон Одделението за гинекологија и акушерство, каде што се воведуваат современи апарати, нови гинеколошки столови и – за првпат во Прилеп – лапароскопија и хистероскопија.

„Овие процедури претставуваат голем напредок во гинеколошко-акушерската заштита. Со нивното воведување, пациентките повеќе нема да мора да патуваат во други градови за специјализирани интервенции“, изјави министерот Алиу.

Дополнително, за гинеколошкото одделение е набавен дигитален електрокаутер, модерен апарат за прецизни хируршки зафати и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, со што се подобруваат удобноста и сигурноста на родилките и медицинскиот персонал.

Покрај модернизацијата на опремата, во тек е и постапка за вработување на 124 лица на неопределено време, меѓу кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, шест физиотерапевти и дополнителен медицински и технички кадар.

Алиу нагласи дека овие вложувања се дел од континуираната стратегија на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита, создавање современи услови за работа и подобра грижа за пациентите низ целата држава.

Escape