Во координирана акциска контрола во село Стенче, општина Брвеница, полицијата во Тетово приведе 39 државјани на Албанија кои неовластено работеле за градежна фирма, при што не биле пријавени како работници.
Контролата била спроведена на 15 октомври 2025 година, во периодот од 12:00 до 18:30 часот, од страна на полициски службеници од СВР Тетово, заедно со Државниот инспекторат за труд, Пазарниот инспекторат и инспектори од Одделението за прекуграничен криминал, миграција, странци и реадмисија.
Работниците, на возраст од 20 до 65 години, биле затекнати додека изведувале градежни активности за правно лице, сопственост на Е.З.М. од Тетово. Според надлежните, тие го злоупотребиле туристичкиот престој, односно престојувале спротивно на целта на нивното влегување во земјата.
Сите лица се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави за нив и за сопственичката на фирмата која ги ангажирала.
Оваа акција е дел од засилените контроли за спречување на нелегално вработување и злоупотреба на странски државјани, посочуваат од МВР.