Денес, 16 октомври, македонската музичка сцена ќе замолкне во знак на почит и тага. Овој ден ќе остане запаметен како симбол на две големи загуби во македонската музика.
Прво, ќе се простиме од Владимир Блажев – Панчо од дуото ДНК, кој на 14 октомври 2025 година ја загуби битката по седуммесечна борба со последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Опелото ќе се одржи во црквата „Свети Илија“ во Аеродром од 10 до 12 часот, по што ќе следи погребот на градските гробишта во Бутел.
Истовремено, 16 октомври е датум кој засекогаш остана впишан во историјата на македонската музика, бидејќи во 2007 година, во трагична сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, го загубивме Тоше Проески. Неговото присуство и глас остануваат светлина, вера и љубов што ги обединуваше сите.
Постои силна симболика во сето ова – Панчо и Тоше имаа иста мисија: преку музиката да го разубават животот и да ја исцелат тагата. Особено трогателно е што Панчо, заедно со пејачката Сара Пројковска, која исто така трагично го загуби животот во истиот пожар, ја изведуваше песната „Немир“ – истата таа што Тоше ја пееше во дует со Каролина. Песната ги спојува повторно, таму каде што музиката не познава крај.
Утрешниот ден ќе биде ден на тишина и сеќавање. Македонија ќе запали свеќа за уште еден свој музички син и ќе ја почитува вечната љубов и музика што Панчо и Тоше ни ја оставија. Тие две ѕвезди повторно ќе блеснат заедно, високо, таму каде болката престанува, а останува само љубовта и песната.