ПРВ.мк
Македонија

ЖЕСТОКА ПОРАКА ДО СУДИИТЕ И ОБВИНИТЕЛИТЕ: „Нема повеќе пари додека не почнат да испорачуваат правда“

ЖЕСТОКА ПОРАКА ДО СУДИИТЕ И ОБВИНИТЕЛИТЕ: „Нема повеќе пари додека не почнат да испорачуваат правда“

Премиерот Христијан Мицкоски упати остра порака до судиите и обвинителите, посочувајќи дека дополнителни финансиски средства за правосудството нема да има сè додека не се покаже поголема ефикасност и конкретни резултати во испораката на правда.

Коментарот на премиерот доаѓа по последниот извештај на Европската комисија за состојбите во правосудниот систем, во кој, според него, се нотираат и позитивни работи, но и сериозни забелешки.

Мицкоски истакна дека институциите во судството веќе ги добиле бараните услови во делот на самостојноста и кадровските прашања, но дека сега се очекуваат резултати.

„Повеќе пари нема да има ако нема испорака на правда“, порача премиерот, додавајќи дека независноста на судството не се обезбедува само со финансии, туку пред сè со професионална работа и одговорност.

Тој се осврна и на забелешките од Европската комисија, каде што, како што рече, има контрадикторности – од една страна се бара поголем буџет за судството, а од друга страна се укажува дека системот не функционира доволно ефикасно.

Според Мицкоски, логиката е едноставна: доколку има подобри резултати и побрза правда за граѓаните, тогаш ќе има простор и за дополнителна поддршка.

Премиерот најави дека ќе продолжи јавно да ги критикува слабостите во правосудството и да бара поголема одговорност од судиите и обвинителите, бидејќи, како што рече, граѓаните долго време очекуваат подобра и поефикасна правда.