Грешка во испечатените редни броеви на носители на советнички листи на гласачкото ливче утринава го спречи гласањето на болни и изнемоштени лица во Општина Ново Село, јавува „СДК.мк“.
На овие локални избори, 400 лица со медицинска документација беа пријавени дека не можат да излезат на избирачките места и требаше да гласаат дома. Меѓутоа, избирачките одбори утрово не заминале кон домовите на овие лица поради грешка во редните броеви на двајца носители на листите за советници.
За случајот е информирана Државната изборна комисија (ДИК), која соопшти дека гласачкиот материјал за советници е повлечен, се дистрибуира нов и дека сите болни и изнемоштени ќе можат да го остварат своето право на глас.
Во струмичкиот регион, вкупно се пријавени 1.308 болни и изнемоштени лица кои денеска гласаат дома. Освен во Општина Ново Село, денеска гласаат и 514 лица во Општина Струмица, 232 во Босилово и 162 во Општина Василево.