ПРВ.мк
Македонија

100 ЕВРА КАЗНА ЗА НЕАЖУРИРАН ТЕЛЕФОНСКИ БРОЈ: Возачите ќе мора да ги пријавуваат промените во рок од три дена?

100 ЕВРА КАЗНА ЗА НЕАЖУРИРАН ТЕЛЕФОНСКИ БРОЈ: Возачите ќе мора да ги пријавуваат промените во рок од три дена?

Сопствениците на моторни возила би можеле да имаат нова обврска – секоја промена на телефонскиот број или електронската адреса да ја пријават во рок од најмногу три дена. За непочитување на оваа обврска е предвидена глоба од 100 евра за физичките лица.

Станува збор за една од предложените измени на Законот за возила, поднесена во Собранието на почетокот на овој месец од група пратеници.

Според предлогот, сопствениците ќе треба веднаш по промената, а најдоцна во рок од три дена, да ги ажурираат податоците за контакт во овластено правно лице за вршење технички преглед.

Целта на предложената измена е да се овозможи побрза и поточна комуникација меѓу институциите и сопствениците на возилата. Актуелните контакт-податоци се особено важни и поради системот „Безбеден град“, преку кој известувањата за сообраќајни прекршоци се испраќаат преку СМС-пораки, но и поради важечките измени во Кривичниот законик, кои предвидуваат одземање на возилото во случаи кога со него се управува и покрај забрана за возење или без возачка дозвола.

Сепак, дел од предложените решенија отвораат прашања. Особено е спорен рокот од три дена, како и обврската промените да се пријавуваат токму во правните лица што вршат технички прегледи и регистрација на возила.

Овие субјекти и досега ги ажурираат контакт-податоците на сопствениците, но тоа најчесто се прави еднаш годишно, при регистрацијата на возилото.

Во предлогот не е образложено зошто промената мора да се пријави во рок од три дена, наместо тоа да се направи при следната регистрација. Исто така, не е предвидена електронска можност за ажурирање на податоците, што го отвора прашањето дали граѓаните ќе мора лично да одат во станица за технички преглед.

Дополнителна дилема е и кој ќе има пристап до овие податоци, како и за кои цели ќе може да ги користи.

Предложените измени предвидуваат и финансиски санкции. За физичките лица што нема да ја исполнат обврската е предвидена глоба од 100 евра.

Кога станува збор за правните лица, казните би се движеле од 50 до 10.000 евра, во зависност од големината на компанијата. Најниската казна од 50 евра е предвидена за микропретпријатијата, додека максималната од 10.000 евра се однесува на големите трговци. Дополнително, одговорното лице во правното лице би можело да добие казна од 500 евра.

Ова е само една од предложените измени на Законот за возила за кои Собранието сè уште нема расправано, иако предлогот веќе предизвикува реакции во јавноста.

Мислењата се поделени. Дел од граѓаните сметаат дека е добро институциите да располагаат со точни и ажурирани податоци за сопствениците на возилата, особено поради примената на други закони и системи. Други, пак, стравуваат дека новата обврска може да отвори простор за дополнителни казни за возачите.