Се подготвуваат значајни измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои се предвидуваат построги контроли за корисниците на инвалидски пензии, нови правила за бенефицираниот стаж и промени во условите за остварување семејна пензија.
Предложените законски решенија опфаќаат и целосна дигитализација на постапките, ревизија на медицинската документација врз основа на која се одобруваат пензиските права, како и можност за исплата на аконтација на пензија додека трае постапката за донесување конечно решение.
Една од најзначајните новини се однесува на лицата кои користат инвалидска пензија. За нив се предвидуваат задолжителни контролни прегледи, со цел повторно да се утврди дали и понатаму ги исполнуваат условите за користење на ова право.
Задолжителни контролни прегледи за инвалидските пензионери
Според предложените измени, контролниот преглед ќе може да се изврши најрано една година по првичното утврдување на инвалидноста. До навршување на 65-годишна возраст, проверките ќе можат да се спроведат најмногу двапати, освен кај одредени заболувања кои ќе бидат изземени со посебен акт.
Доколку корисникот не се појави на задолжителниот преглед или новата медицинска процена покаже дека повеќе не постојат условите за инвалидност, односно неспособност за работа, правото на пензија ќе престане.
Предвидено е до завршување на постапката за контрола да продолжи исплатата на времена пензија. По донесувањето на решението, доколку не се потврди дека лицето ги исполнува условите, исплатата ќе биде запрена.
Покрај контролните прегледи, ќе се воведе и задолжителна ревизија на медицинските наоди, оценки и мислења врз основа на кои се утврдува инвалидноста.
Ревизијата ќе ја спроведува посебна комисија формирана од министерот за социјална политика, демографија и млади, составена од медицински стручни лица. Ќе може да се проверуваат и медицинските мислења со кои претходно не била утврдена инвалидност, и тоа по случаен избор.
Новите правила предвидуваат единствен пристап при процената на здравствената состојба, а медицинските наоди ќе се користат за остварување права од инвалидското осигурување, вклучително и инвалидска пензија, семејна пензија и права врз основа на телесно оштетување.
Пензија и пред конечно да заврши постапката
Измените предвидуваат и целосно електронско водење на постапките за остварување права од пензиското и инвалидското осигурување.
За секој предмет ќе се отвора електронско досие, во кое ќе се чува целокупната документација. Документите што граѓаните ќе ги доставуваат ќе бидат скенирани и внесени во електронскиот систем.
Посебно значајна новина е можноста за исплата на аконтација на пензија.
Ова решение ќе може да се примени кога осигуреникот ги исполнува условите за пензионирање, но не може да добие конечно решение поради некое претходно прашање што сè уште не е разрешено.
Во таков случај, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе може да донесе привремено решение и да определи исплата врз основа на податоците со кои располага.
Се воведува регистар за работните места со бенефициран стаж
Промени се предвидуваат и во системот на бенефициран стаж. Со новите правила ќе биде формирана петчлена комисија која ќе има задача да ги утврдува и ревидира работните места за кои се признава стаж со зголемено траење.
Работодавачите и репрезентативните синдикати ќе можат да поднесуваат барања до Министерството за социјална политика, демографија и млади за утврдување нови работни места со бенефициран стаж, ревизија на постојните или промена на степенот на зголемување на стажот.
Кон барањето ќе треба да се приложи елаборат изработен од овластено правно или физичко лице, а трошоците за неговата подготовка ќе ги сноси подносителот.
Комисијата ќе има обврска и непосредно да ги посетува работните места, по што ќе подготвува стручно мислење за условите во кои работат вработените, како и за нивната изложеност на ризици и штетни влијанија.
Дополнително, ќе биде воспоставен електронски регистар на работните места со бенефициран стаж. Работодавачите ќе треба да ги внесуваат потребните податоци и да ги доставуваат актите за систематизација на работните места.
За членовите на комисијата е предвиден и месечен надоместок во висина до 20 проценти од просечната месечна нето-плата исплатена по работник во државата.
Се прошируваат и условите за семејна пензија
Предлог-законот носи промени и во категориите лица кои можат да остварат право на семејна пензија.
Како нова категорија се предвидуваат лица кои вршеле родителска должност и биле вклучени во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.
Тие ќе можат да остварат право на семејна пензија доколку по престанокот на осигурувањето навршиле 50 години, под услов родителската должност да им престанала по наполнети 45 години.
Со оваа измена се предвидува дополнителна социјална заштита за лицата кои поради родителските обврски имале ограничени можности за учество на пазарот на трудот.
Предложените измени, доколку бидат усвоени, ќе донесат нов начин на контрола и администрирање на пензиските права, но и промени што директно ќе ги засегнат корисниците на инвалидски и семејни пензии, како и работниците на работни места со бенефициран стаж.






