Почетокот на викендот донесе зголемена фреквенција на возила на јужната граница, каде што на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“ утринава се создадоа долги колони.
Според информациите од АМСМ, возачите чекаат околу 40 минути до еден час за да ја напуштат државата и да влезат во Грција. Најголем метеж е забележан токму на овие два премини, кои традиционално се меѓу најоптоварените во летниот период.
Снимки од камерите во живо покажуваат километарски редици возила во сите ленти, што дополнително го отежнува протокот на сообраќајот. Метежот е најизразен во утринските часови, кога голем број граѓани тргнуваат на пат кон грчките туристички дестинации.
Од друга страна, на останатите гранични премини од македонска страна засега нема поголеми задржувања, ниту за влез, ниту за излез од државата.
Надлежните апелираат на трпение и внимателно планирање на патувањата, особено во периодите на викенди и празници кога сообраќајниот интензитет значително се зголемува.








