Разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, вечерва преку Фејсбук се огласи со јавно извинување по скандалот со видео-снимката која го прикажува како „шмрка бело“.
Кузмановски истакна дека инцидентот се случил „далеку пред неговото преземање на менаџирање на клиниката“, но признава дека тоа бил момент на слабост со кој не се гордее.
„Во врска со објавите на социјалните мрежи, изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката… Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови,“ напиша Кузмановски.
Тој потврди дека се повлекува од функцијата директор, нагласувајќи дека е задоволен од резултатите постигнати со својот тим.
„Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам – да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата,“ додаде поранешниот директор.