ПРВ.мк
Македонија

Шокантно извинување од Кузмановски: „Момент на слабост, но ќе продолжам да спасувам животи“

Шокантно извинување од Кузмановски: „Момент на слабост, но ќе продолжам да спасувам животи“

Разрешениот директор на Универзитетската клиника за неврологија, Игор Кузмановски, кој беше во центарот на скандалот со видео на кое меша бела прашкаста материја, вечерва се огласи со јавно извинување преку социјалната мрежа Фејсбук.

– Во врска со објавите на социјалните мрежи, изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето преземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример – напиша Кузмановски.

Тој додаде дека секој човек прави грешки, но важно е да се извлече поука.

– После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови – вели тој.

Кузмановски информира дека се повлекува од функцијата задоволен од резултатите постигнати со својот тим, но најави дека ќе продолжи да работи како лекар.

– Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам — да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата – истакна Кузмановски.

Министерот за здравство, Азир Алиу, веднаш го разреши Кузмановски од функцијата директор на Клиниката за неврологија, а од Министерството соопштија дека во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чиј кадар е Кузмановски, ја поддржаа одлуката на министерот Алиу и ги повикаа институциите да постапат согласно законот и утврдените процедури.


Escape