Докторот Зекирија Шаини, познат пулмолог и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, денеска одржа прес-конференција на самото место каде што пред три дена беше извршен вооружениот напад врз него. Тој категорично ги негираше шпекулациите дека неговата сопруга, Арјета Ајдини, има било каква поврзаност со атентатот.
„Ако навистина беше така како што некои сакаат да го претстават, јас никогаш не би живеел со мојата госпоѓа. Фала му на Бога, таа и нашите ќерки се живи и здрави во нашиот дом во Слупчане“, рече Шаини, истакнувајќи дека овој случај е обид за негова дискредитација и создавање заблуда во јавноста.
Докторот побара од полицијата и обвинителството итно да ги пронајдат вистинските сторители и да престанат со претставување на инцидентот како семеен спор. „Немам никакви конфликти со никого, ниту сум му наштетил на нечиј живот или чест. Сакам само вистината да излезе на виделина“, додаде тој.
Шаини, кој беше погоден со три куршуми – во левата подлактица и десното колено – изјави дека е благодарен што останал жив и дека ќе соработува со истражните органи за расветлување на случајот.
Воедно упати апел и до политичарите да не го користат неговиот случај за политички поени во време на изборна кампања. „Ова не е политичка приказна, ова е напад врз човек и татко на семејство“, нагласи тој.
Потсетуваме, нападот се случи среде бел ден во Куманово и е снимен од безбедносни камери. Напаѓачот, кој пеш побегнал низ тунелот, сè уште не е пронајден.
Од Јавното обвинителство соопштија дека се поднесени кривични пријави против едно лице за загрозување на сигурноста, како и против поранешната сопруга на докторот за поттикнување на делото, но истрагата за сите можни инволвирани лица сè уште трае.