ПРВ.мк
Македонија

РКЕ ги објави новите цени - Од полноќ драстично поевтинуваат горивата

РКЕ ги објави новите цени - Од полноќ драстично поевтинуваат горивата

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за значително намалување на цените на нафтените деривати, кои ќе стапат во сила од полноќ, односно од 00:01 часот на 23 јуни. Најголемо поевтинување има кај дизелот и екстра лесното масло за домаќинство, кои ќе бидат поевтини за 7 денари по литар.

Според новата одлука, цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 7 денари и од утре ќе се продава по 73,50 денари за литар. За истиот износ поевтинува и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1).

Бензините исто така ќе се продаваат по пониски цени. ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за 3,50 денари и ќе чини 84 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе биде поевтин за 4 денари, со нова цена од 86 денари за литар.

Поевтинува и мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 3,932 денари по килограм.

Од РКЕ соопштија дека просечното намалување на цените на нафтените деривати изнесува 6,61 проценти во однос на претходната одлука. Причина за корекцијата е падот на референтните цени на светските пазари, каде дизелот поевтинил за 12,699 проценти, бензините за 8,216 проценти, екстра лесното масло за 12,354 проценти, а мазутот за 11,352 проценти.

Од Комисијата потсетуваат дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени, а трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени доколку одлучат така.