Д-р Јован Божиновски е именуван за нов в. д. директор на Клиниката за неврологија, соопшти денеска министерот за здравство Азир Алиу. Ова следува по разрешувањето на претходниот директор, д-р Игор Кузмановски, на 10 октомври, откако во јавноста се појави видео на кое Кузмановски во домашна атмосфера меша бела прашкаста материја, зборувајќи за неа со асоцијација на кокаин и разговара со друго лице.
Во видеото, Кузмановски му вели на соговорникот: „Ако е малце измешано одма ти го враќам, ќе ги фрлам, јас не можам со спид и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро“.
Министерот Алиу истакна дека Лекарската комора го известила оти на д-р Кузмановски му истекла лиценцата и дека е надлежна за одлучување дали таа ќе биде продолжена или издадена повторно. „Формирана е комисија од Министерството за здравство и побарав инспекциски надзор за работата на докторот. Се испитува во ‘Мој термин’ дали во периодот од 15 март, кога му истекла лиценцата, до 8 август, кога станал директор, работел со пациенти. Случајот ќе го испитува и Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, рече министерот.
Д-р Божиновски нагласи дека Клиниката се наоѓа во специфичен момент, но уверува дека ќе функционира непречено. Тој најави формирање на две комисии кои ќе ја испитаат работата на неговиот претходник, д-р Кузмановски.