Жителите на Прилеп и Битола добија силна потврда дека еден од најзначајните инфраструктурни проекти во регионот конечно се движи напред. Според вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, првите 11 километри од автопатот Прилеп-Битола ќе бидат пуштени во употреба до крајот на 2026 година.
Целиот автопат, кој е дел од Коридорот 10 и се протега во должина од 40 километри, според плановите треба да биде завршен до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, зависно од временските услови.
„Изградбата се одвива одлично и задоволен сум од изведбата. Очекуваме кон крајот на 2026 година да ги имаме функционални првите 11 километри, а целосниот автопат да биде готов до крајот на 2027 или во почетокот на 2028 година“, изјави Николоски при посетата на Прилеп, каде присуствуваше на промоцијата на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.
Автопатот ќе се надоврзе на експресниот пат Градско – Дреново – Фариш, а Николоски најави и автопатско решение од Фариш до Прилеп, со што ќе се добие комплетна и модерна врска на овој дел од државата со остатокот од земјата.
Изведувач на работите е меѓународната компанија „Бехтел и Енка“.