ПРВ.мк
Македонија

Луксуз над Охрид: Три приватни летала донесоа ексклузивни гости за само неколку дена

Луксуз над Охрид: Три приватни летала донесоа ексклузивни гости за само неколку дена

Охрид сè почесто се наметнува како дестинација на избор за патници кои користат приватен воздушен превоз, а најновите податоци дополнително го потврдуваат овој тренд.

Во период од само три дена, на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид слетале два приватни авиони и еден приватен хеликоптер со ВИП гости.

Првите две летала пристигнале на 7 јуни, кога на охридскиот аеродром слетале приватен авион и хеликоптер со патници кои користат ексклузивен начин на патување. Денеска, пак, е регистрирано уште едно слетување на приватен авион кој пристигнал директно од Грција.

Зачестените пристигнувања на приватни летала се сметаат за позитивен показател за туристичкиот сектор во пресрет на летната сезона. Според туристичките работници, ваквите гости најчесто користат услуги од повисока категорија, престојуваат во луксузни сместувачки капацитети и придонесуваат за локалната економија.

Воедно, растот на приватниот воздушен сообраќај е уште еден сигнал дека Охрид станува препознатлива дестинација и за туристи кои бараат приватност, ексклузивност и врвна услуга.

Со своите природни убавини, културно наследство и понуда за различни типови посетители, Охрид останува меѓу најатрактивните туристички центри на Балканот, а интересот од ВИП патници дополнително го потврдува неговиот туристички потенцијал.