ПРВ.мк
Магазин

СОЛЕНИ КРОАСАНИ го освојуваат светот– дали овој гастро-тренд ќе пристигне и кај нас?

СОЛЕНИ КРОАСАНИ го освојуваат светот– дали овој гастро-тренд ќе пристигне и кај нас?

Трендот на солени кроасани брзо експлодираше на социјалните мрежи и веќе ја освои пазарот во САД. Од класични кроасани со сирење, јајца и сланина, до поинакви комбинации како кроасани со рамен, па дури и со грав и колбаси, овој минијатурен деликатес станува сè попопуларен меѓу потрошувачите кои сакаат иновација во традиционалното пециво.

Во Њујорк, пекарката Махам Куреши ги користи кроасаните како платформа за претставување на пакистанската кујна. Нејзините креации се полнети со зачини и состојки како димено говедско, пикантно пилешко „ачаари“ или традиционално мелено месо „дум ка кеема“. Во Сан Диего, шефот Дерек Хаден оди чекор понатаму: неговите кроасани со тиква, балсамико и поширано јајце наликуваат на мини ресторанско јадење, создавајќи уникатно гастрономско искуство.

„Почнав да ги гледам кроасаните како платформа за сезонски производи – како јадење што го сервираш на тањир, само адаптирано на тесто“, објаснува Хаден. Тој додава дека целта му е да создаде неочекувани комбинации со балансирани вкусови: „Кроасанот е веќе маслен, па се обидувам да додадам киселост и свежина.“

Додека светот експериментира, Доминик Ансел, креаторот на славниот Cronut, сè уште одбива солена верзија. „Cronut треба да остане слатко искуство. Интересно е да се експериментира, но не секогаш треба да се мешаат концептите“, нагласува тој.

Но, дали солени кроасани би можеле да станат хит и на Балканот? Замислете кроасан со ќебапи наместо лепиња, или со сарма и кисела павлака, па дури и со тартуфи и козјо сирење. Иако звучи необично, гастрономски има смисла. Со растечката популарност на занаетчиските пекарници и интересот за нови вкусови, солениот кроасан би можел да биде следниот голем гастро-тренд и кај нас.

Американските креатори на овој тренд велат дека кроасанот веќе не е само пециво – тој е платформа за приказна, култура и креативен оброк, а токму тоа е можеби и рецептот за неговиот светски успех.

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape