ПРВ.мк
Магазин

СКОРО ПОЛОВИНА ОД НАЈГОЛЕМИОТ ГРАД ВО СВЕТОТ Е ВЕЌЕ ПОД ВОДА: Тоне загрижувачки брзо, ниту „џиновскиот морски ѕид“ нема да ја спаси оваа престолнина!

СКОРО ПОЛОВИНА ОД НАЈГОЛЕМИОТ ГРАД ВО СВЕТОТ Е ВЕЌЕ ПОД ВОДА: Тоне загрижувачки брзо, ниту „џиновскиот морски ѕид“ нема да ја спаси оваа престолнина!

Најголемата метропола во светот, индонезиската престолнина Џакарта, во која живеат 42 милиони луѓе, се соочува со бројни тешкотии, од кои најголемата е тоа што – тоне. Околу 40% од Џакарта веќе се наоѓа под нивото на морето.

Крајбрежниот дел од овој мегаполис е веќе видливо под морското ниво. Џакарта сега тоне со загрижувачка брзина која варира во различни делови од градот, но во северните области достигнува и до околу 28 сантиметри годишно, пишува „National Geographic“.

За споредба, климатските промени го подигнуваат нивото на морето за само неколку милиметри годишно.

Сепак, и слегнувањето на тлото и порастот на нивото на морето водат кон исти последици – сè почести и редовни поплави во една од најголемите светски престолнини, град кој има најголем број трговски центри во светот и моментално се наоѓа на 12-то место по бројот на облакодери.

Се преселува главниот град

Управувањето со изградените урбани подрачја може да предизвика многу кризи: ширење болести, социјална исклученост и загадување. Инфраструктурата е недоволна, а климатските промени дополнително ја влошуваат ситуацијата.

Токму затоа индонезиските власти одлучија да изградат потполно нова престолнина на друг остров, додека во поширокото подрачје на Џакарта и понатаму живеат повеќе од 30 милиони луѓе.

Според истражувањата, подрачјето на Џакарта секоја година тоне меѓу 10 и 30 сантиметри, што е последица на неконтролираното црпење на подземните води за потребите на домаќинствата, индустријата и компаниите.

„Џиновски морски ѕид“

Водата засега ја задржува заштитниот ѕид изграден долж брегот.

Во втората фаза од овој мегапроект е планирана изградба на „Голем морски ѕид“ во крајбрежниот појас на Џакартскиот Залив. Проектот предвидува и вештачки остров долг околу 32 километри, во форма на птицата Гаруда – националниот симбол на Индонезија. Островот со површина од околу 4.000 хектари треба да го штити градот од бурни бранови, но и да содржи деловни згради, станбени комплекси, резервоар за вода, автопати, железнички пруги и содржини за рекреација.

Преку градот, изграден на мочуришно земјиште покрај Јаванското Море, протичат 13 реки кои се вливаат во Џакартскиот Залив, а критичарите предупредуваат дека „Големиот морски ѕид“ би можел да го попречи нивниот тек, претворајќи го заливот во џиновски базен со канализација.

Покрај тоа, бидејќи целиот мегапроект не го решава основниот проблем со слегнувањето на тлото, и самиот тој со тек на време ќе потоне, вели за „National Geographic“ Парид Ридванудин, координатор за заштита на морето и крајбрежјето во Индонезискиот форум за животна средина (Walhi).

Тој смета дека владата треба повеќе да се насочи кон обновување на крајбрежните подрачја, со садење нови шуми од мангрови и враќање на речните корита во што поприродна состојба.

Кога ќе биде готова новата престолнина?

Изградбата на новиот главен град – Нусантара, кој се гради на островот Борнео, треба целосно да заврши до 2045 година.

Владата сака новиот главен град да стане „глобален град за сите“ – паметен и еколошки одржлив центар на индустријата, стопанството и образованието. Се проценува дека проектот ќе чини околу 35 милијарди американски долари, а ќе се финансира од државниот буџет, државните претпријатија и приватни инвестиции. Покрај домашните ресурси, интерес за вложување веќе покажаа Обединетите Арапски Емирати, Кина и Јужна Кореја.

Меѓутоа, локалните домородни заедници не се задоволни со овој план. Тие се плашат дека проектот ќе им ги уништи земјата, шумите и изворите на егзистенција, поради што често организираат протести.

Ридванудин смета дека преселувањето на престолнината е само „префрлање на еколошката криза на друга локација“.

— Џакарта е препуштена да тоне, без никаков јасен план за нејзина обнова и revitalизација — заклучува тој.