Турското обвинителство во Истанбул распиша потерница по Мелис Сутсуруп Сандал, сопругата на познатиот турски пејач Мустафа Сандал, поради сомневања поврзани со голема истрага за финансиски малверзации.
Според турските медиуми, потерница е распишана и по нејзиниот татко Џихан Сутсуруп, а надлежните органи наредиле блокирање и замрзнување на нивниот имот и банкарски сметки.
Во медиумските извештаи се наведува дека Мелис во последните три месеци наводно подигнала или пренасочила околу 11,1 милијарди турски лири, односно приближно 197 милиони евра, од спорни фондови. Нејзиниот адвокат, сепак, категорично ги отфрла овие тврдења.
Според одбраната, сумата не претставува пари што Мелис ги присвоила, туку вкупен обем на тргување создаден преку автоматски финансиски трансакции. Адвокатот тврди и дека таа престојува во Дубаи поради школувањето на своето дете, додека трансакциите кон странство биле редовни рати за купување недвижност.
За случајот се огласи и Мустафа Сандал, поранешниот сопруг на пејачката Емина Јаховиќ. Тој нагласи дека со Мелис, освен брачната заедница, нема никакво финансиско партнерство или заеднички бизнис.
Сандал истакна дека повеќе од три децении се занимава со музика и дека нема друг извор на приходи. Тој потврди и дека синот на неговата сопруга се школува во Дубаи и дека Мелис има регулиран престој таму.
Мелис и Мустафа Сандал се во брак од 2022 година. Истрагата продолжува, а наводите за проневера засега се обвинувања што ги оспорува нејзината одбрана.










