Големите рекламни кампањи и попустите што достигнуваат до 70 проценти за „црн петок“ не секогаш значат дека купувачите навистина ќе заштедат. Од Организацијата на потрошувачи предупредуваат дека граѓаните треба внимателно да ги проверуваат цените, условите за купување и реалната вредност на производите, пред да се одлучат да потрошат пари.
Маријана Лончар од Организацијата на потрошувачи потсетува дека трговците имаат обврска јасно да ги истакнат и претходната и намалената цена на производот. При пресметувањето на попустот, како основа треба да се користи цената што важела во последните 30 дена пред намалувањето.
Дополнително, постојат и временски ограничувања за ваквите продажби. Акциската продажба може да трае најмногу еден месец, додека промотивните понуди се ограничени на период од осум дена. Купувачите треба да бидат внимателни и со дополнителните трошоци, како што се доставата, монтажата или други услуги, кои мора да бидат јасно наведени и да не се прикриваат во условите за продажба.
Особено внимание се препорачува при купување преку интернет, каде што цените, понудите и условите можат брзо да се менуваат. Од Организацијата советуваат граѓаните да зачуваат фотографии од производите, рекламите, понудите и потврдите за нарачките, бидејќи тие можат да послужат како доказ доколку настане проблем со купувањето.
Големите попусти не секогаш значат и голема заштеда
Кај електронските уреди, намалувањата понекогаш се однесуваат на постари модели или производи кои подолго време биле складирани, додека кај облеката и обувките попустите може да важат само за одредени големини или ограничен избор на артикули.
Лончар предупредува дека купувањето само затоа што некој производ е рекламиран со голем попуст може да доведе до непотребни трошоци, доколку предметот воопшто не му е потребен на купувачот.
„Ако купите нешто што навистина не ви е потребно, сте потрошиле пари непотребно“, предупредува таа, посочувајќи дека граѓаните не треба да се водат единствено според рекламите за намалувања од 50, 60 или 70 проценти.
Зголемен број поплаки од потрошувачите
Организацијата на потрошувачи во меѓувреме бележи раст на поплаките за 15 до 20 проценти на годишно ниво. Најчестите проблеми се поврзани со производи кои не биле испорачани, тешкотии при сервисирање и рекламации, одбивање на трговците да ги вратат парите, како и случаи во кои реалните карактеристики на производите не одговараат на оние што биле рекламирани.
Доколку потрошувачите не успеат да го решат проблемот директно со трговецот или преку посредување, спорот може да биде упатен до Државниот пазарен инспекторат, кој е надлежен за постапување во вакви случаи.
Дополнителен притисок врз домашните буџети создава и поскапувањето на храната. Според податоците со кои располага Организацијата на потрошувачи, дел од производите во основната потрошувачка кошничка веќе бележат зголемување на цените од пет до 10 проценти.
Оттаму посочуваат дека внимателното споредување на цените и проверката на понудите се особено важни во периодот пред новогодишните и божиќните празници, кога домаќинствата традиционално имаат и дополнителни трошоци.








