Канадската нискобуџетна авиокомпанија WestJet воведува нова пракса – патниците ќе мора да платат дополнително ако сакаат да го навалат седиштето за време на летот. Оваа одлука следи по реновирањето на авионите Boeing 737-8 MAX и 737-800, каде што се воведуваат 12 „премиум“ седишта со можност за навалување и поголема удобност, како и 36 седишта со „проширена удобност“ кои не се навалуваат, но нудат повеќе простор за нозете.
Извршната директорка за корисничко искуство, Саманта Тејлор, истакна дека новата кабина е дизајнирана да понуди опции за патниците со различен буџет – повеќе удобност по повисока цена или поевтин билет со помал простор.
Оваа новина предизвика критики, бидејќи многумина сметаат дека авиокомпаниите сега наплаќаат за услуги што порано биле вклучени во цената на билетот. Според предавачот по авијација Џон Градек, „патниците денес плаќаат повеќе за да го добијат она што некогаш го имале бесплатно.“