ПРВ.мк
Магазин

Најчестата грешка при киселење зелка – и како да ја избегнете!

Најчестата грешка при киселење зелка – и како да ја избегнете!

Ако оваа година решивте да подготвите домашна кисела зелка, тогаш токму октомври е идеалниот месец за тоа. Освен што е традиција во многу семејства, киселата зелка е и основа за едни од највкусните зимски јадења: сарма, подварок, тавче со зелка, месо во зелка и многу други.

Но, една од најчестите дилеми кај сите – без разлика дали се почетници или искусни домаќинки – е:Колку сол треба да се стави за да биде зелката добро кисела, но не пресолена?

Многумина мислат дека процесот е комплициран, па се решаваат за купена зелка. Но, со неколку едноставни насоки, домашната кисела зелка не само што ќе ви успее, туку ќе биде и повкусна од било која купена.

Количина на сол: најважниот дел од подготовката

За да ја направите правилно саламурата, најважно е да ја погодите точната количина на сол.

  • За 10 литри вода, потребни се 400 грама сол
  • Ако користите буре од 20 литри, потребни се 800 грама сол

Оваа количина е оптимална – доволна за зелката да добие кисел вкус, а притоа да не биде премногу солена.

Некои луѓе сакаат поинтензивен вкус, па додаваат малку повеќе, но ако не сте сигурни, придржувајте се до оваа формула.

Која сол да ја изберете?

Кога станува збор за типот на сол, најдобро е да користите крупна морска сол.Таа не содржи додадени агенси против стврднување и е природен избор кој го подобрува вкусот и ја олеснува ферментацијата.

Важно е солта целосно да се раствори во водата пред да се истури врз зелката. Ако се истури недоволно растворена или нерамномерно, може да дојде до нерамномерно киселење или до развој на несакани мириси.

Уште неколку совети за совршена зелка

  • Пред да ја ставите зелката во бурето, добро измијте ја и извадете го тврдиот дел од кочанот.
  • Притиснете ја зелката со тежок камен или чиста тегла полна со вода, за да остане потопена под саламурата.
  • Чувајте ја на темно и свежо место, идеално во подрум или на балкон, каде што температурата е под 18°C.
  • Првите неколку дена следете дали има доволно течност – зелката мора цела да биде покриена со саламура.

Со овие насоки, зимата ќе ве дочека со буре полно со вкусна, крцкава и правилно кисела зелка.А од таму, патот до совршена сарма е краток.

Escape