Данскиот гигант LEGO го претстави својот најголем и најдетален сет во историјата – импресивна минијатура на легендарната базилика Саграда Фамилија во Барселона, со што компанијата повторно го помести границата на тоа што може да се изгради од коцки.
Овој ексклузивен модел е создаден како почит кон 100-годишнината од смртта на прочуениот архитект Антони Гауди и се состои од неверојатни 12.060 делови, што го прави најкомплексниот LEGO сет досега.
Конечниот модел достигнува висина од 62 сантиметри и верно ги пренесува архитектонските детали на една од најпознатите градби во светот. Вистинската Саграда Фамилија, која и денес се гради, е висока 172,5 метри и важи за највисока христијанска црква на планетата.
Посебен акцент во дизајнот е ставен на витражите, кои се изработени со проѕирни и повеќебојни LEGO елементи, со цел да се долови играта на светлина што продира низ внатрешноста на базиликата. Од компанијата истакнуваат дека целта била да се пренесе визијата на Гауди и да се прикаже сложеноста на ова архитектонско ремек-дело во форма на конструкциско искуство.
Самата Саграда Фамилија има долга и драматична историја. Изградбата започнала во 1882 година, а Гауди подоцна ја замислил како монументален храм со 18 кули, симболично посветени на библиски фигури. По неговата смрт во 1926 година, проектот останал недовршен, а дополнителни пречки се појавиле и за време на Шпанската граѓанска војна, кога дел од оригиналните планови биле уништени.
И покрај тоа, изградбата продолжува и денес. Централната кула посветена на Исус Христос неодамна беше завршена, што се смета за значаен чекор во еден од најдолготрајните градежни проекти во Европа.
Новиот LEGO сет ќе се продава по цена од околу 750 евра, а преднарачките веќе се отворени. Официјалната продажба е најавена за 1 ноември, при што се очекува голем интерес од колекционери и љубители на брендот ширум светот.










