Патување што требало да биде сосема обично, за Ана Савин од Лондон кон Бакау се претворило во сцена од хорор филм. Само што седнала на своето место, забележала нешто што изгледало застрашувачки – прозорецот зад неа бил испукан и „поправен“ со обична леплива трака. Снимката што ја направила за миг стана вирална и предизвика лавина од реакции, отворајќи сериозна дебата за безбедноста во авионите.
Инцидентот се случил на 28 август, а според сведочењето на 39-годишната Ана, глетката предизвикала паника меѓу патниците. Кабинскиот екипаж единствено споменал дека се работи за „технички проблем во кабината“, но не дал конкретно објаснување. Ваквиот молк уште повеќе ја зголемил вознемиреноста.
Откако видеото експлодираше на социјалните мрежи, Wizz Air беше приморана да излезе со официјално соопштение. Од компанијата тврдат дека безбедноста никогаш не била доведена во прашање и дека оштетениот прозорец бил заменет истиот ден. „Безбедноста на патниците, екипажот и авионот е наш приоритет број еден“, изјави портпаролот.
Но, што навистина се случи? Инженерите објаснуваат дека авионските прозорци се составени од три слоја – два надворешни, кои ја носат целата сила на притисокот, и еден внатрешен, тенок и неструктурен, чија единствена улога е да ги штити средните слоеви од гребаници. Токму тој внатрешен пластичен слој бил испукан, а не носечкиот.
Овој случај ја открива големата разлика меѓу перцепцијата на патниците и реалноста во авионската технологија. За обичен патник, испукан прозорец е аларм за катастрофа, но за инженерите тоа е проблем без ризик по безбедноста.
Сепак, останува прашањето: зошто екипажот не понуди појасно и смирено објаснување за време на летот? Паниката можела лесно да се избегне. Наместо тоа, патниците летаа во страв, а снимката предизвика вистинска бура во јавноста.
Останува поуката дека иако авионот бил безбеден, довербата на патниците е исто толку важна – а таа се гради со транспарентност и јасна комуникација.
Извор: vostip.mk