ПРВ.мк
Магазин

Истражување открива: Живееме подолго, но сè повеќе години поминуваме болни

Истражување открива: Живееме подолго, но сè повеќе години поминуваме болни

Иако животниот век продолжува да расте ширум светот, луѓето сè поголем дел од животот го поминуваат со здравствени проблеми, покажува ново глобално истражување објавено во научното списание The Lancet Public Health.

Студијата, која опфатила 204 држави, покажува дека очекуваниот животен век расте побрзо отколку бројот на години поминати во добро здравје. Научниците предупредуваат дека фокусот на здравствените системи мора да се насочи не само кон продолжување на животот, туку и кон подобрување на неговиот квалитет.

Според податоците, во 2023 година луѓето во просек поминале 14,5 проценти од својот живот со нарушено здравје. Во најразвиените земји овој удел изнесувал 15,7 проценти, а најголем пораст е забележан во Холандија.

Истражувањето покажува дека најголем дел од годините поминати со здравствени проблеми се должат на хронични, но нефатални заболувања, како што се болките во долниот дел од грбот, мускулно-скелетните заболувања, менталните нарушувања, оштетувањето на слухот поврзано со стареењето и последиците од повреди.

Како најзначајни фактори на ризик се издвојуваат прекумерната телесна тежина, пушењето, високото ниво на шеќер во крвта, загадувањето на воздухот, како и неухранетоста кај децата и мајките.

Авторите на студијата нагласуваат дека идните здравствени политики треба повеќе да се насочат кон превенција, рехабилитација, долгорочна грижа за хронично болните и услуги за ментално здравје, со цел луѓето не само да живеат подолго, туку и поздраво