ПРВ.мк
Магазин

Интернетот и парите го рушат бракот, секој трет пар се разведува - еве на што предупредуваат експертите!

Интернетот и парите го рушат бракот, секој трет пар се разведува - еве на што предупредуваат експертите!
Kristal

Во главниот град на Црна Гора, Подгорица, статистиката открива загрижувачки тренд – речиси секој трет брак завршува со развод, а според податоците од минатата година, дури половина од браковите биле растурени по судски пат. Експертите предупредуваат дека економската несигурност, дигитализацијата и промени во вредносниот систем сериозно го поткопуваат традиционалното сфаќање на бракот.

Според податоците до средината на октомври, во Подгорица биле склучени 739 бракови, а 219 завршиле со развод, додека уште околу 130 случаи се во постапка. Минатата година бројките биле уште поалармантни – 750 венчавки и 360 разводи.

Професорот на Универзитетот во Црна Гора, Раде Шаровиќ, за vijesti.me изјави дека „современиот живот целосно го промени значењето на бракот“. Според него, денес брачната заедница не се гледа како економски и општествен сојуз, туку како емоционален проект на самореализација.„Несигурниот пазар на трудот создава стрес и недоверба меѓу партнерите, особено кај посиромашните слоеви, каде што животната нестабилност дополнително го зголемува ризикот од развод“, објаснува Шаровиќ.

Тој додава дека дигитализацијата и новите медиуми радикално го менуваат начинот на кој луѓето комуницираат и се поврзуваат. „Интернетот ја замени интимноста со илузија на поврзаност, а социјалните мрежи го редефинираа поимот на верност“, предупредува професорот. Според него, општеството повеќе не обезбедува колективна поддршка за одржување на браковите, па многу парови лесно се откажуваат.

Податоците на Монстат ја потврдуваат оваа слика: во Црна Гора минатата година биле склучени 2.852 брака, а 853 биле законски прекинати. Тоа значи дека секој трет или четврти брак не ја издржува животната реалност.

Секретаријатот за локална самоуправа во Подгорица додава дека од 739 бракови, 602 се меѓу црногорски државјани, додека 116 биле мешани со странци, а 21 брак бил меѓу странски државјани. Основниот суд бележи континуирано висока бројка на бракоразводни постапки – 556 случаи минатата година и 357 оваа, од кои повеќе од една третина се уште во тек.

Професорот Шаровиќ го објаснува феноменот преку економската трансформација и промената на семејните односи.„Кога бракот престана да обезбедува материјална сигурност и стана дополнителен економски ризик – тогаш почна да се распаѓа,“ вели тој, додавајќи дека женската еманципација и падот на патријархалниот авторитет довеле до нова рамнотежа на моќ во семејствата.„Мажите не успеаја да изградат нова улога во оваа структура, па се создаде нормативен јаз што води до конфликти, недоразбирања и, на крај, до разводи“, вели Шаровиќ.

Социолозите предупредуваат дека кризата на бракот е симптом на пошироки општествени промени – од економски притисоци и културна модернизација до новите модели на љубов и индивидуализам.Подгорица, како најголем и најурбан град во Црна Гора, само ја отсликува новата реалност во која традиционалните вредности сè потешко опстануваат во судир со дигиталното и економски несигурно време.

Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape
DIK