Лизгањето на мраз е неизбежен дел од адвентските празнувања, а љубителите на зимските активности секоја година бараат што поголема ледена површина за забава, вежбање и акробации. Ако сте во потрага по навистина огромно лизгалиште, Европа има неколку впечатливи дестинации – а едната е толку голема што на неа истовремено можат да лизгаат околу пет илјади луѓе!
Во унгарската престолнина Будимпешта, во Градскиот парк, се наоѓа едно од најстарите и најимпресивните лизгалишта на отворено. Зафаќа површина од околу 12.000 квадратни метри и е сместено помеѓу Плоштадот на хероите и замокот Вајдахуњад. Лизгањето овде има традиција од далечната 1870 година, што го прави вистинска историска атракција за посетителите.
Билетите за возрасни можат да се набават за околу 8 евра при онлајн резервација, додека лизгалки може да се изнајмат за околу 3.000 унгарски форинти. Семеејните пакети исто така се популарни – билет за четири лица чини околу 20 евра, а сезонска карта со десет посети се нуди за околу 69 евра. Не е ни чудо што ова лизгалиште секоја година е преполно во пресрет на божиќните и новогодишните празници.
Иако Будимпешта се гордее со својата традиција, титулата „најголемо лизгалиште на отворено во Европа“ сè уште ја држи Москва. Таму, пред комплексот ВДНХ, се наоѓа ледена површина од неверојатни 20.000 квадратни метри – што е еднакво на 16 олимписки базени поврзани еден до друг. Според капацитетот, и тоа лизгалиште може да прими околу пет илјади посетители истовремено, а билетите започнуваат од 8 евра при онлајн резервација.
Но, кога станува збор за светски рекорди, Европа сепак не е на врвот. Најголемото природно лизгалиште на планетата се наоѓа во Канада – замрзнатиот канал Ридо во Отава. Секоја зима, од јануари до март, оваа водена површина се претвора во лизгалиште долго 7,8 километри и широко доволно за да обезбеди вкупна површина од 165.621 квадратни метри.
Каде и да тргнете, едно е сигурно – Европа и светот нудат лизгалишта што се навистина спектакуларни и идеални за љубителите на зимски авантури.

















