ПРВ.мк
Магазин

Газирана или обична вода? Лекар открива што навистина е најдобро за време на горештините

Газирана или обична вода? Лекар открива што навистина е најдобро за време на горештините

Екстремно високите температури можат сериозно да го оптоварат организмот, а дехидратацијата е една од најчестите последици за време на долготрајни топлотни бранови. Лекарите предупредуваат дека чувството на жед не треба да биде сигнал за внесување течности, бидејќи тогаш телото веќе почнало да губи значителна количина вода.

Според неврологот д-р Филип Ѓерке, по неколку последователни денови со температури над 35 степени, ризикот од исцрпеност значително се зголемува. Во почетокот многумина не ја чувствуваат опасноста, но по неколку дена организмот почнува потешко да се справува со жештината.

Првите знаци на дехидратација не се само жедта. Главоболка, вртоглавица, намалена концентрација, конфузија, забрзано чукање на срцето и потемна урина се симптоми кои укажуваат дека телото веќе има недостаток на течности. Кај потешките случаи може да се јават и нестабилност при одење и проблеми со рамнотежата.

Најдобар избор за хидратација и понатаму останува обичната вода, која треба да се внесува редовно во текот на денот. Минералната, односно газираната вода исто така може да помогне, особено поради минералите што ги содржи, но не нуди значителна предност во однос на обичната вода кај повеќето луѓе.

Освен водата, добро решение може да бидат и напитоци со електролити, особено по интензивно потење, додека некои истражувања покажуваат дека и млекото е ефикасно за рехидратација поради комбинацијата на течности, минерали и хранливи материи.

Експертите советуваат да се избегнуваат засладените пијалаци и алкохолот, а со кафето и енергетските пијалаци да се биде умерен, бидејќи кофеинот може да го зголеми губењето течности кај дел од луѓето.

Најважната препорака е течности да се внесуваат постојано во текот на денот, без да се чека појавата на жед, особено за време на продолжени топлотни бранови.