ПРВ.мк
Магазин

Шокантен модел на криминална мрежа: Тинејџери добиваат задачи за ликвидации преку интернет

Шокантен модел на криминална мрежа: Тинејџери добиваат задачи за ликвидации преку интернет

Криминалната мрежа „Фокстрот“, која европските безбедносни служби ја поврзуваат со бројни убиства и насилни напади, користи загрижувачки метод за регрутирање млади луѓе – преку социјалните мрежи и апликации за комуникација.

Според информациите што ги пренесува Би-Би-Си, истражителите проценуваат дека групата од 2022 година е поврзана со околу 35 убиства, како и со повеќе напади и обиди за напади врз израелски цели низ Европа.

Еден од случаите што ја открива тактиката на мрежата е убиството на 20-годишен маж во предградие на Стокхолм. Според истрагата, нападот го извршил 18-годишник кој, по добиени инструкции, по грешка ликвидирал погрешна личност.

Од Европол посочуваат дека младите најчесто се регрутираат преку интернет, а задачите им се доделуваат на начин што наликува на видео игра – со јасни инструкции, цели и ветени награди.

Шведските власти ја посочуваат Рава Маџид како лидер на „Фокстрот“, тврдејќи дека тој се наоѓа во Техеран. Според нивните наводи, дел од активностите на мрежата биле насочени и кон напади врз дисиденти, критичари на иранските власти и израелски цели.

Во истрагите се споменува и случај на норвешки тинејџер кој преку апликацијата Signal бил регрутиран за извршување убиство во Велика Британија, при што добивал детални насоки за секој чекор.

Експертите предупредуваат дека криминалните групи намерно регрутираат сè помлади лица бидејќи полесно се манипулираат и се подготвени да преземат големи ризици. Во многу случаи тие не ја добиваат ниту ветената награда, бидејќи се уапсени пред да ја извршат задачата.

Европската оперативна група GRIMM, која координира истраги во 11 европски земји, досега спровела повеќе од 280 апсења поврзани со оваа криминална мрежа. Сепак, безбедносните служби предупредуваат дека ваквиот модел на регрутирање продолжува да се шири, а слични методи веќе почнуваат да ги применуваат и други организирани криминални групи.