ПРВ.мк
Магазин

Крварење од носот во лето? Еве кога е безопасно, а кога веднаш треба да побарате лекарска помош

Крварење од носот во лето? Еве кога е безопасно, а кога веднаш треба да побарате лекарска помош

Летните горештини не носат само опасност од сончаница и дехидратација, туку кај многу луѓе можат да предизвикаат и крварење од носот. Иако оваа појава најчесто не е опасна, лекарите предупредуваат дека во одредени ситуации може да биде знак за посериозен здравствен проблем.

Причината најчесто се високите температури, сувиот воздух и недоволниот внес на течности. Тие ја сушат носната слузница, а крвните садови стануваат почувствителни и полесно пукаат. Дополнително, честото користење клима-уреди, алергиите, престојот на сонце и честото дување или чепкање на носот уште повеќе го зголемуваат ризикот.

Според лекарите, околу 90 проценти од крварењата од носот се лесни и престануваат сами по неколку минути. Сепак, доколку крварењето трае повеќе од 15 минути, е многу обилно, често се повторува или е проследено со вртоглавица, слабост, отежнато дишење или болка, потребно е веднаш да се побара лекарска помош.

При крварење најважно е лицето да остане смирено, да седне со главата благо наведната нанапред и со прстите да го притисне мекиот дел од носот околу десетина минути. Корисно е да се стави и ладна облога на носот или челото.

За да се намали ризикот во текот на летото, лекарите советуваат редовна хидратација, избегнување на директно сонце во најтоплиот дел од денот, проветрување на просториите, користење физиолошки раствор за навлажнување на носната слузница и умерено користење на клима-уредите. Со неколку едноставни навики, оваа непријатна појава најчесто може успешно да се спречи.