ПРВ.мк
Магазин

Денес многумина го одбележуваат овој голем православен празник – еве кому му е посветен!

Денес многумина го одбележуваат овој голем православен празник – еве кому му е посветен!

Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Свети Сисој Велики, еден од најпочитуваните пустински отци и ученик на Свети Антониј Велики.

По смртта на својот духовен учител, Свети Сисој се повлекол во Антониевата пустина во Египет, каде што поминал околу шеесет години во строг подвиг, молитва и пост. Со својот смирен и свет живот стекнал голема духовна благодат, па според црковното предание исцелувал болни, изгонувал демони и воскреснувал мртви.

Пред неговото упокојување, монасите сведочеле дека лицето му заблескало како сонце, а по неговата смрт келијата се исполнила со благоухание. Свети Сисој се упокоил во длабока старост, во 429 година.

Неговите поуки и денес се сметаат за пример на смирение и духовна мудрост.

„Какво искушение и да го снајде човекот, треба да ѝ се предаде на Божјата волја и да признае дека искушението се случило поради неговите гревови. А ако се случи нешто добро, нека каже дека тоа е по Божја промисла“, поучувал Свети Сисој.

На прашањето како човек може да Му угоди на Бога, светителот одговорил:

„Ако сакаш да Му угодиш на Бога, оддалечи се од световните страсти, пристапи кон Создателот, соедини се со Него преку молитва и плач, и ќе најдеш спокој и во овој и во идниот век.“

За смирението, Свети Сисој рекол:

„Кога човек ќе се научи секој друг да го смета за подобар од себе, тогаш ќе го стекне вистинското смирение.“

На монахот кој се жалел дека не може да ги запомни мудрите изреки за да ги повторува пред луѓето, му одговорил:

„Не е тоа најважно. Потребно е да стекнеш чистота на умот и од таа чистота да зборуваш, надевајќи се на Бога.“