Европската комисија во прелиминарен извештај оцени дека одредени функции на Инстаграм и Фејсбук можат да поттикнат зависност кај корисниците и дека компанијата Мета можеби ги прекршила правилата од Законот за дигитални услуги на Европската Унија.
Според Комисијата, функции како бесконечното скролање, автоматското пуштање видеа, push-известувањата и персонализираните препораки ги поттикнуваат корисниците да поминуваат повеќе време на платформите, што може негативно да влијае врз физичкото и менталното здравје, особено кај малолетниците.
Од ЕУ сметаат дека Мета не ги проценила доволно ризиците поврзани со овие функции и побараа компанијата да направи промени во дизајнот на платформите, така што некои од функциите што можат да предизвикаат прекумерна употреба да не бидат активирани по автоматизам.
Доколку по завршувањето на постапката се потврдат прелиминарните наоди, Мета би можела да се соочи со казна до 6 проценти од својот глобален годишен приход.
Од компанијата ги отфрлаат обвинувањата и велат дека веќе вовеле дополнителни безбедносни мерки за тинејџерите, вклучително и посебни тинејџерски профили со родителски контроли и ограничувања за користење на платформите.
Постапката сè уште не е завршена, а Мета има можност да достави одговор пред Европската комисија да донесе конечна одлука.








