Охрид, 9 ноември 2025 – Православните христијани денес го одбележуваат празникот посветен на Свети маченик Нестор, млад христијански јунак кој со својата вера, храброст и пожртвуваност го оставил својот вечен белег во историјата на Црквата.
Во времето на страдањата на Свети Димитриј Мироточивиот, во градот Солун живеел млад човек по име Нестор, кој ја примил христијанската вера токму од светиот Димитриј. Тоа било време на жестоки прогони на христијаните, под власта на римскиот император Максимијан, кој за своја забава организирал игри и борби со смртоносен исход.
Царевиот миленик бил варварин по име Лиј, огромен по раст и сила, познат по својата суровост. Како царски гладијатор, тој секојдневно излегувал на мегдан и убивал секој што ќе му застанел на пат, а победените ги фрлал од висока сцена врз забиени копја. Таа крволочна игра била омилена на царот и незнабожечкиот народ, кој уживал гледајќи ги мачните смртни крици на жртвите.
Меѓу убиените биле и многумина христијани, кои насилно биле довлечкани на борбената арена за да послужат како „забава“ за толпата. Гледајќи го тоа варварство, младиот Нестор длабоко се потресол и решил да му се спротивстави на џинот Лиј, верувајќи дека Бог ќе му даде сила.
Пред борбата, Нестор отишол во затвор кај Свети Димитриј, барајќи благослов и духовна поткрепа. Димитриј го благословил, го прекрстил и му рекол: „Лиј ќе го победиш, но за Христа ќе пострадаш.“
Нестор потоа излегол на мегдан, пред очите на царот и илјадници луѓе. Иако сите го жалеа, тој се прекрсти и извика: „Боже Димитриев, помогни ми!“ Со Божја помош, го совладал Лиј во жестока борба и го турнал врз копјата – џинот загинал на местото каде претходно убивал други.
Толпата во еден глас извикала: „Голем е Бог на Димитриј!“, а царот, понижен и разгневен, наредил Нестор да биде погубен со меч, а Свети Димитриј да биде прободен со копја.
Така, во 306 година, Свети Нестор го завршил својот земен живот, влегувајќи во Царството небесно како вистински маченик за верата.
Тропар на Свети маченик Нестор: Еј, Господи, Ти Кој нè створи, создаде, човекот кој падна повторно при себе го повика, и устрои за него вера која спасува. Ти, Создателе, времето на Нестора го исполни, кога во него се покажа силата Твоја. Осенет со крсен знак од великиот Димитрија, ја прослави Твојата десница. Нам, пак, кои денес го празнуваме неговиот свет спомен, дарувај ни по неговите молитви милост голема.
















